Октоберфест

Октоберфест е шеснаесетдневен фестивал( некогаш трае и до 18 дена) којшто се одржува секоја година во областа неречена ’’Theresienwiese’’, најчесто нарекувана ’’d’Wiesn’’, која го носи името на принцезата Тереза - Минхен, Германија почнувајќи од крајот на септември до почетокот на октомври. Тоа е еден од најпознатите настани во Германија и најголем светски фестивал, со посетеност од над шест милиони луѓе.
На овој фестивал освен што се пијат големи количини на пиво се јадат и огромни количини на храна и тоа најчесто традиционална германска: ’’Hendl’’ (пилешко месо) , ’’Schweinsbraten’’(печено свинско месо), ’’Haxn’’ (свинска коленица), ’’Würstel’’ (колбаси) заедно со ’’Brezel’’ (переци), ’’Knödeln’’(компири или лебни кнедли), ’’Käsespätzle ’’ (сирењаци), ’’Reiberdatschi’’(компир – палачинки), ’’Sauerkraut’’ или ’’Blaukraut’’(црвена зелка) со некои баварски специјалитети, како ’’Obatzda’’ (масно вариво зачинето со сирење и путер) и ’’Weisswurst’’ (бел колбас).
Првобитниот „Октоберфест“ се одржал на 11 октомври 1810 год., во Минхен, како прослава на венчавката на крунисаниот принц Лудвиг (подоцна крал Лудвиг Први) со принцезата Тереза од Саксен-Хилдбургсхаузен. Тогаш, тие организирале раскошна трка со коњи (свадба се одржала на 12 октомври, а трката со коњи на 17 октомври, па оттаму постојат две различни дати за почетокот на „Октоберфест“). Низ годините фестивалот бил откажуван поради војни, напади, епидемии на колера... Во 1819 год., граѓаните-основачи од Минхен презеле одговорност за раководењето со фестивалот и било договорено „Октоберфест“ да се одржува секоја година, без исклучок. Во 1835 год. за прв пат се одржала парада во чест на свадбата на Кралот Лудвиг и Тереза од Баварија и од тогаш парадата станала годишен настан и составен дел од „Октоберфест“ при што илјадници луѓе, најчесто од Баварија, во традиционални костими пешачат од Максимилијанската улица, низ центарот на Минхен, до Октоберфест.
Музиката што се пушта попладне е ограничена на 85 децибили. Ваквите мерки биле преземени за да се зачува традиционалната пивска атмосфера.

На “Октоберфест” секоја година се точат околу 6 940 600 литри пиво од кои 126 900 безалкохолно, 70 624 литри вино, 32 047 литри пенливо вино 222 725 литри кафе и чај, 910 000 литри вода и лимонада, се јадат: 530 000 кг пилешко месо, 142 253 кг колбаси, 40 000кг риба, 104 волови, а за сето тоа да изгледа совршено и 6,5 милиони посетители да бидат задоволни, се троши околу 2,8 милиони kw (14 % од тоа што му треба дневно на Минхен или онолку колку што би му требало на четиричлено семејство за 52 години и 4 месеци). На оваа манифестација постои и дел за изгубено/најдено каде секоја година се губат околу 4000 предмети од кои околу 260 пара очила, 200 мобилни телефони, венчални прстени а биле изгубени дури и вилици.

По завршувањето на „Октоберфест“ секоја година има околу 1 000 тони отпадоци. Чистењето е платено половина од градот Минхен, а половина од спонзорите. По 2004 год., редовите за во тоалет толку се зголемиле, што полицијата морала да ги регулира влезовите.

На „Октоберфест“ можат да се служат само локални пива произведени на територијата на градот Минхен и оние кои ги задоволуваат стандардите се означени како „пива на Октоберфест“. Инаку, „Октоберфест“ е регистрирана трговска марка од клубот на пиварници во Минхен. Притоа, за потребите на фестивалот, пиварниците произведуваат посебен вид пиво, кое има повисоко ниво на алкохол од најмалку 13,5%, наместо вообичаеното ниво од 5,8% до 6,4%. Цената на пивото на оваа манифестација се движи од 8 еур па нагоре за кригла.

Како сувенир можат исто така да се купат кригли кои се направени од дебело стакло. Доколку се одлучите за ваков сувенир задолжително да ја зачувате фискалната сметка бидејќи полицијата може да ја побара истата во потрага по украдени кригли. Доколку не ја зачувате сметката казната за украдена кригла изнесува 50 еур.

Галерија